Monday, May 4, 2015

Значење на катниците

Најголемиот притисок при џвакањето е во пределот на моларите, што ја одредува нивната масивност, бројот и распоредот на чворчињата, како и бројот и распоредот на корењата. На тој начин е обезбедена добра механичка обработка на храната во устата и олеснето варење во останатите делови на дигестивниот тракт.
Посебно е важно да се нагласи дека „шестката“ е првиот постојан заб што израснува во човековата уста, а со оглед на возраста на детето и честата неинформираност на родителите (кои обично мислат дека во прашање е млечен заб), тој станува сосема запоставен. Со негово губење доаѓа до многу нарушувања во функцијата на џвакањето, нарушување на меѓувиличните односи, како и промена на положбата на околните заби.

Класа на моларите



  • прв горен катник – dens molaris primus superior (dexter et sinister);
  • втор горен катник - dens molaris secundus superior (dexter et sinister);
  • трет горен катник (умник) - dens molaris tercius superior s. sapientiae (dexter et sinister);
  • прв долен катник – dens molaris primus inferior (dexter et sinister);
  • втор долен катник - dens molaris secundus inferior (dexter et sinister);
  • трет долен катник (умник) - dens molaris tercius inferior s. sapientiae (dexter et sinister).
Класата катници се формира временски дисконтинуирано. Имено, првиот катник никнува околу шестата година од животот, вториот околу дванаесеттата, а третиот околу осумнаесеттата година или воопшто не никнува. Тоа значи дека е потребно повеќе од дванаесет години за да се комплетира постојаната дентиција.
Пространата оклузална површина, силната коренска поддршка и односот кон виличниот зглоб, ја прават класата на моларите идеално погодна за функцијата на мелење на храната. Тие имаат и естетска и фонетска улога, а исто така ја придржуваат и вертикалната димензија на лицето и структурите на темпоромандибуларниот зглоб.



Катници

Постојаните катници или молари се најголемите заби во устата и истовремено се најмногу постериорно лоцирани и служат за џвакање. Името им потекнува од латинскиот збор molaris, што значи “камен за мелење“. Тие не се супституенти, затоа што се појавуваат зад млечните заби и од нив ја преземааат доминантната улога во формирањето на оклузални односи на хуманата дентиција. Обично има дванаест постојани молари, по три во секој квадрант, а се означаваат како прв, втор и трет постојан катник. Заедно со премоларите, тие ја сочинуваат групата на странични заби.